Оксфам: Во подем е нееднаквоста во развиените земји

Во Групата седум индустриски најразвиени земји, продолжува да расте нееднаквоста, се наведува во извештајот на меѓународната невладина организација Оксфам, чие објавување коинцидира со Самитот на лидерите на Г-7 викендов во Париз.

Извештајот е на тема нееднаковост во различни области како меѓугенерациската мобилност, намалување на даноците за богатите, занемарување на социјалата, привилегираност на акционерите, климатските промени и глобалното затоплување, нееднаквоста на жените, помош за сиромашите земји, прекумерните донации на компаниите за политички кампањи и преголемите трошоци за здравствена заштита во САД.
Според наодите на Оксфам, во Г-7 најсиромашните 20 отсто од населението примаат само пет проценти од вкупно заработените парични приходи, додека на најбогатите 20 отсто од вкупното население паѓаат 45 проценти од вкупните парични приходи.

– Нерамномерната распределба на богатството во земјите од Г-7 се зголемува уште од 80-тите години, се посочува во извештајот.

Се додава дека како резултат на застојот на економијата и намалување на платите во овие земји, во изминатите десет години се зголемил оној дел од работното население кое ризикува да стане сиромашно. Поединечно по земји, оваа ризична група во Германија е девет отсто од вкупно вработеното население, во Франција е повеќе од седум, во Италија е 12 и околу девет проценти во Велика Британија.

Ова e резултат на влијанието на супер богатите индивидуи и корпорации кои ја користат својата моќ да влијаат врз социјално-економската политика на национално и меѓународно ниво во своја полза, наведува Оксфам.

– Се занемаруваат вложувањата во социјалната сфера и се намалува финансирањето на социјалните служби. Покрај тоа, под изговор за мерки на штедење и консолидација на државните и буџетски долгови, се спроведуваат многубројни реформи и приватизации со негативен ефект, истакнуваат експертите на организацијата.

Во заклучокот на извештајот, Оксфам бара од лидерите на Г-7 да спроведат мерки за намалување на нерамноправноста како на пример минимален замрзнат данок за сиромашните групи.

– Новиот данок на претседателот на САД, Доналд Трамп, донесен во 2017 година е пример од учебниците за фаворизирање на гигантските корпорации и најбогатите граѓани на сметка на сиромашните и работничката класа, се истакнува во извештајот.

Покрај тоа, од Оксфам повикуваат земјите од Г-7 да започнат финансирање на многу поопфатни дејности на бесплатните социјални служби. Според организацијата „борбата против нееднаквоста треба да стане дел од постоечките развојни стратегии“.

Во извештајот на Оксфам се истакнува и дека повеќе од половина од светското богатство е во сопственост на луѓето кои живеат во земјте од Г-7; најбогатите 10 отсто од населението во земјите на Г-7 располага со околу половина или повеќе од богатството во тие земји; најсиромашните 50 проценти од населението во Г-7, располага со само 10 отсто од богатството; работничка во фабрика за ракчиња во Тајланд треба да работи 4.000 години да заработи просечна годишна плата на генерален директор на „Волмарт“ во САД.

Оскфам е меѓународен сојуз од 20 добротворни организации од повеќе од 90 земји кои се борат за искоренување на сиромаштијата во светот. Организацијата е основана 1942 година во Англија, а седиштето и е во Најроби, Кенија.