
Германската амбасадорка во Македонија Кристине Алтхаусер и директорот на Германската стопанска комора во РМ Мартин Кнап синоќа го отворија 9. традиционален „ Октоберфест “ на Македонско-германското стопанско здружение во Скопје.
Како што информира претставништвото на Германското стопанство во Македонија, околу 1.300 гости уживаа под огромните шатори во сино-белите бои на Октоберфест и Баварија, дегустирајќи бели и црвени колбаси, печено пиле, свинска коленица, припремени на традиционалниот баварски начин. Воедно наздравуваа со пиво и вкусно вино, пренесува МИА.
Манифестацијата ја отворија амбасадорката Алтхаусер и директорот Кнап на традиционалниот начин на кој се отвора и Октоберфест во Минхен – со дрвен чекан го скршија чепот на првото буре со пиво и со изреката “О’zapft is“ (тапата е отворена).
„ Октоберфест “ кој традиционално во Скопје го организираат Македонско-германското стопанско здружение и Германската стопанска комора во Македонија, на несекојдневен начин им овозможи на преку 250 компании и на нивните вработени, клиенти и деловни партнери, но и на голем број значајни личности од стопанството и дипломатскиот кор во Македонија да уживаат во автентична Октоберфест -забава, изјави Мартин Кнап, директор на Германската стопанска комора во РМ.
Според амбасадорката Алтхаусер, организацијата на „Октоберфест“ во Скопје прерасна во традиција.
– Овој настан е од големо значење за градот Скопје, тој е важен за соработката како на економски, така и на културен план помеѓу нашите две земји, рече Алтхаусер.
Во септември идната година „ Октоберфест “ ќе го одбележи 10- годишниот јубилеј.