Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, кој беше директно вклучен во решавањето на украинската граѓанска војна и конфлиткот во југоисточната проруска област Донбас по превратот во Киев во 2014 година и потпишувањето на мировните договори од Минск во следните две години, ја потврди неодамнешната изјава на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел дека договорите од белоруската престолнина биле потребни за да се добие во време украинската армија да се подготви за нова војна.
„Да, Ангела Меркел беше во право за тоа“, вели Оланд во интервјуто за Kyiv Independen, коментирајќи ја нејзината изјава дека Минските договори му овозможиле на Киев да „земе здив“ а не да се спречи натамошниот конфликт во Донбас.
„Од 2014 година Украина го зајакна својот воен потенцијал, стана сосема поинаква отколку во 2014-та. Стана подобро обучена и опремена. Заслугата на Минските договори е во тоа што ѝ дадоа таква можност на украинска армија“, додава.
Оланд вели дека не бил уверен дека Русија ќе ги почитува договорите од Минск, но сепак признава дека рускиот претседател Владимир Путин го прифатил предлогот за преговори во ткн Нормандиско формат (Франција, Германија, Украина и Русија) како гаранти на новите власти во Киев и одметнатите доминантно руски и рускојазични региони во Доњецк и Луганск, и се придржувал до резултатите од дијалогот.
Поранешниот француски претседател, исто така, признава дека по 2014 година геополитичката ситуација не била поволна во Украина, како дека во тој момент и на Западот му било неопходно да добие време и да „дојде до здив“.
Коментирајќи ги можностите за преговори во сегашниот конфликт во Украина, Оланд вели дека тие „треба да се засноваат на рамнотежа на силите“. Притоа не образложува како руската страна сега би имала доверба, особено по неговата и идентичната изјава на Меркел од којашто произлегува дека Москва била измамена од западните соговорници.
Притоа, треба да се имаат предвид изјавите на официјален Киев дадени во неколку наврати, дека украинската страна никогаш немала намера да ги почитува договорите од Минск, кои предвидуваа и уставни измени и одржување слободни избори.
„Дијалог поради дијалог нема смисла и може да има дури и негативни последици доколку предложи поделба на одговорноста. Дијалогот може да послужи само како средство за пренесува на воената ситуација во политички рамки“, вели Оланд.
Во истиот контекст поранешниот француски претседател, од 2012 до 2017 година, вели дека преговорите не треба да доведат само до примирје, туку до целосно и долгорочно решение на конфликтот. Оланд притоа дозволува заживување на договорите од Минск како правна рамка веќе прифатена за ова решение.
Двата договора од Минск, покрај прекинот на огнот, предвидуваат доделување широка автономија на Доњецк и Луганск во рамките на Украина, со овозможување самите да ги избираат локалните власти и враќање на рускиот јазик како службен а укинат веднаш по превратот во март 2014-та.
Претходно во декември поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во интервју за германскиот весник Die Zeit го опиша постигнувањето на договорите од Минск како „обид да ѝ се даде време на Украина да стане посилна“. Според неа, „на сите им беше јасно“ дека конфликтот со нив е само замрзнат и дека проблемот не е решен, „но тоа ѝ даде на Украина непроценливо време“. Изрази сомнеж дека во тоа време земјите од НАТО би можеле да му дадат поддршка на Киев во обемот во кој тоа го прават сега.