Оланд: Ќе продолжам со реформите во областа на трудот

И покрај штрајковите кои ја парализираа земјата францускиот претседател Франсоа Оланд денеска порача дека ќе продолжи со непопуларните реформи во областа на трудот, јавуваат франуските медиуми.

– Ќе продолжам, затоа што сметам дека се тоа добри реформи, рече Оланд пред новинарите на маргините на самитот на Г-7 во Јапонија, додавајќи дека неговата влада ќе обезбеди „слобода на движење“ за граѓаните кои имаат тешкотии заради штрајковите во железницата и блокадата на снабдувањето со гориво.

Француските синдикати денеска ги повикаа работниците да продолжат и да ги засилат протестите, во момент кога бранот штрајкови заради спорните измени во Законот за работа го наруши сообраќајот и снабдувањето со гориво ширум земјата.

Синдикатите издадоа заедничко соопштение во кое своите членови ги повикуваат да го зголемат обемот и да ги поддржат протестите во индустрискиот сектор, за со тоа да го засилат притисокот врз социјалистичката Влада на Оланд.

Во Париз и другите француски градови вчера избија немири во текот на демонстрациите против планираните реформи на Законот за труд, а полицијата одговори со  солзавец и приведувања.

Францускиот премиер, Мануел Валс, вчера изјави дека спорните реформи во доменот на работата нема да бидат повлечени, но дека се можни измени на овие реформи „на подобро“, иако не прецизираше во што би се состоеле тие евентуални измени.

Реформите, или нов закон за работни односи што предвидува продолжување на сегашната 35-часовна работна недела и полесно отпуштање на вработените, веќе со недели предизвикуваат протести и бран штрајкови во земјата.