Џолев вели дека е потребен ветинг во судството

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев смета дека е потребен ветинг во судството за да се отстранат сите сомнежи за чесноста на судиите.

– На ветингот гледам позитивно и немам никаков проблем со тоа. Сметам дека е потребно да се направи ветинг и во судството, со цел да се отстранат сите сомнежи по однос на чесноста на судиите, изјави денеска Џолев.

На прашање како го коментира обвинувањето од опозицијата дека „сваровски“ судството се претвори во „луј витон“ судство, Џолев вели дека воопшто не му се допаѓаат такви изјави од страна на политичари и смета дека се невкусни и неумесни.

Првиот човек на Кривичниот суд вели дека немаат доволно поддршка од Судскиот совет.

– Кривичниот суд правеше се за да може да се обезбеди тековно судење на високопрофилните предмети што се од интерес на јавноста. Од тие причини често пати во гломазните предмети како што е „27 април“, „Титаник“ назначуваше судии помошници и дополнителни судии-поротници со цел да може да се обезбеди континуитет во случаи доколку некој од постоечкиот судечки совет од некакви причини замине, во таков случај за да не почне предметот од почеток се назначуваше помошен судија и поротници се со цел тие предмети да не почнат од почеток. Меѓутоа судиите-помошници поради нивното постојано присуство и ангажман во предмети, кои не се нивни не можеа да си ја остварат својата норма и поради тоа од страна на Судскиот совет беа оценувани со послаби оценки. Во таа смисла само немавме поддршка од Судскиот совет, бидејќи сметам дека требаше да се има разбирање за овие судии да им се излезе во пресрет и да бидат оценети со високи оценки, вели Џолев.