Претседателот на Советот на јавни обвинтиели, Антонио Јолевски, изјави дека „врз основа на фактите и околностите“ Советот одлучил дека додека се води кривичната постапка за постапувањето при претресот во Управата за финансиска полиција и по предметот отворен по анонимната пријава, јавната обвинителка за организиран криминал и корупција Вилма Русковска би требало да биде оддалечена од работа со цел да не влијае со своето присуство врз текот на постапката по предметот, како и за да се утврди фактичката состојба по кривичниот предмет.
Според Јолевски, постапката во Основното јавно обвинителство Скопје ќе заврши брзо и ова „оддалечување нема да трае долго“ време.
„Тоа беше тешка одлука. Сепак, доаѓа од една страна Основен јавен обвинител кој треба да гони организиран криминал и корупција, а од друга страна имаме Јавен обвинител“, изјави Јолевски.
Несоработката меѓу двајцата обвинители. Вилма Русковска и Љубомир Јовески, според Јолевски, доведе до овие „непријатни состојби“. Јавниот обвинител на РСМ, според тоа што е доставено до Советот на ЈО, Јолевски рече дека не добил информација во врска со претресот, ниту за доказите, иако согласно задолжителното упатство, сите Основни јавни обвинителства се должни да го информираат јавниот обвинител со цел координација во работењето, што овде не било случај.
Во оваа фаза, како што рече Јолевски, бидејќи не се работи за дисциплински предмет туку оддалечување од работа, тие не решаваат за одговорноста. Тука, како што посочи, имаме кривична постапка по која се утврдува дали имало некакви незаконитости во постапката. Надлежна за дисциплинската постапка е дисциплинската Комисија во ОЈО.
Прашан за содржината на жалбата на обвинителката Русковска, Јолевски рече дека таа повеќе се осврнува на дисциплинската постапка, која, како што вели, не е предмет на оценка.
„Овде се ценеше само дали треба да биде оддалечена од работа додека трае кривичната постапка за да се заврши успешно. Доказите треба да ги доставува пред дисциплинската комисија, а овде сосема е исклучена дисциплинската, тука е само за кривичната“, рече Јолевски.
На прашањето, дали како Совет на ЈО ценеле што се случува со истрагата што ја иницираше Русковска, односно кој обвинител ќе има храброст да се зафати со оваа истрага и ќе ја истера до крај, Јолевски рече дека таа постапка продолжува.
„Да, од јавен интерес е, и затоа мислиме дека ќе биде водена таа постапка и ќе продолжи понатаму. Не може да се запре постапката по пријава ако има некакво сомневање дека од страна на финансиска полиција или поединци таму е извршено кривично дело. Мора да се заврши таа постапка и да заврши со одлука, со претходно испитување и прибавување на сите докази. Не значи дека ако Русковска е отстранета дека другите не треба да продолжат и дека врз нив ќе се врши влијание“, изјави Јолевски.
Советот, посочи Јолевски, е тука да ги заштити јавните обвинители, доколку има влијанија и притисоци но досега до Советот, Русковска не се има обратено да ја заштити, ако имало некакви влијанија.
„До нас можат да се обратат обвинителите во случај кога врз нив се врши притисок или бараат заштита. Советот ќе застане на страната на обвинителите, тоа е наша работа, но со конкретни укажувања и податоци. Медиумите не се местото каде што треба да се каже, треба нас да не известат“, рече Јолевски.
Советот на јавни обвинители на денешната 63-та седница, едногласно одлучи жалбата за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска да се отфрли како неоснована, со што го потврди решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава за оддалечување од работното место на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал Вилма Русковска.
Седницата на Советот на ЈО, за време на дискусијата по жалбата на Русковска, беше затворена за јавноста, за, како што појасни претседателот на Советот Јолевски, заштита на интегритетот на сите јавни обвинители и предметите, кои се дел од списите.
Советот на ЈО работи со осум од 11 члена, бидејќи двајца се пензионирани и се уште нема избрано нови, а обвинителот Љубомир Јовески не присуствуваше поради конфликт на интереси.