Првото финале по шест години, пирејските црвено-бели го обезбедија со неверојатната трета четвртина која ја добија со неверојатни 27-2, па негативата од 12 поени од полувремето кога ништо не им одеше од рака (29-41) го претворија во двоцифрена предност пред влезот во последниот квартал и предноста потоа знаеа да ја задржат за да дојдат до битка за најпрестижниот европски трофеј кој цела деценија го чекаат, уште од 2013 година кога последен пат се радуваа на европската титула.
Олимпијакос направи серија од 14-0 и скоро шест минути од стартот на третиот период немаше применo кош, па тоа беше најголемата серија од почеток на една четвртина на фајнлфор во европската елита, а ова им е четврти неверојатен пресврт после двоцифрена негатива на меч на Ф4.
Во 2012 година Олимпијакос надомести минус 19 за да ја победи ЦСКА, една година потоа се врати од минус 17 по втората четвртина за да го победи Реал Мадрид, во двете европски титули, а во 2017 година кога последен пат беа финалисти, надоместија минус 13 за да ја минат московска ЦСКА и сега против Монако надоместија 12 поени дефицит за да победат за финале.
МВП-то Саша Везенков со 19 поени и Костас Папаниколау со 15 поени и осум скока беа предводници, додека Мустафа Фал додаде 12 поени. Мајк Џејмс и Ели Окобо со по 17 поени беа најефикасни кај Монако, а Џордан Лојд имаше учинок од 11 поени.
Вечерва од 20 часот е второто полуфинале, шпанското „ел класико“, Барселона – Реал Мадрид, кое ќе го даде вториот финалист.