Олимпискиот оган пристигна во Јапонија

Олимпискиот пламен пристигна во петокот во Јапонија, со ограничен дочек поради пандемијата од коронавирусот, која го доведува во прашање и самото одржување летово на најголемиот светски спортски настан.

Факелот слета во воздухопвлонцата база во Мацушима, којашто се наоѓа во североисточниот дел од Јапонија. Овој регион специјално беше избран за оваа церемонија, како симбол на обновување на областа разорена од гигантското цунами и катаклизмичниот земјотрес од 11-ти март 2011 година, по што следеше и нуклеарната несреќа во Фукушима.

Поранешните олимписки победници Саори Јошида и Тадахиро Номура го симнаа факелот од авионот кој го донесе од Грција и го пренесоа покрај почесната гарда. По говорот на претседателот на Организацискиот комитет на ОИ Токио 2020, Јоширо Мори, го запалија пламенот на големиот розевкаст котел во форма на цветот на јапонската цреша.

Група повозрасни фунцкионери во темни костуми ја следеа свеченсота, откако беше одлучено на неа да нема деца. „Беше предвидено факелот да го дочекаат деца, но решивме да го намалиме обемот на свеченоста, од безбедносни причини“, рече Мори.

Минувањето на факелот низ Јапонија ќе биде проследено со свечености сведени на минимум, а ќе го започен патот по земјата на 26-ти март од префектурата Фукушима без гледачи.

Нема да има гледачи, исто така, и на етапите кога ќе се предава факелот, а свеченоста на дочеците се исто откажани и ќе се мери телесната температура на секој носител на факелот. Но ќе биде овозможено да се следи патот на факелот крај патиштата, додека организаторите апелираат да се избегнуваат помасовни собирања.

Факелот својот пат по Јапонија ќе го заврши на 24-ти јули, кога е предвидена свеченоста за отворање на Олимписките игри, чиешто одржување поради кризата предизвикана од пандемијата од короанвирусот е доведено во прашање.

Во четвртокот, претседателот на Меѓунаордниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах, изјави за The New York Times дека е „преурането“ во моментов да се одложат Игрите, и покрај пандемијата.

Во Јапонија, инаку, досега се регистрирани 950 случаи на заразата, од кои 33 лица починале.