На премиерското место на Зоран Заев ќе седне сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски кој ќе биде новиот премиер на Македонија до крајот на наредната година, пренесува in7, од извори во СДСМ.
Веста дека Заев поднел оставка вчера ја објави италијанската новинска агенција Анса повикувајќи се на дипломатски извори од Брисел. Наводно Заев бил разочаран што неговата земја ни во третиот обид во последните 16 месеци не доби зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.
Како што пренесува ин7, Спасовски е тој кој ќе ја предводи Владата до претстојните парламентарни избори, а кои се очекува да бидат распишани наскоро.
Ваквата одлука е донесена поради дебаклот кој го доживеа премиерот Заев во Брисел со недобивањето на датум за преговори за Република Македонија, со што неговата политичка кариера е завршена.
Во текот на вчерашниот ден речиси во сите светски медиуми пишуваше дека Заев веќе поднел оставка. Италијанска Анса пренесе дека тој ќе поднесе оставка од позицијата премиер на Република Македонија, а истото го пренесоа и повеќе албански медиуми. Многу веројатно дека поконкретен датум за избори ќе биде прецизиран на утрешната лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
По општата забуна што настана вчера во домашните и во светските медиуми, македонската Влада за Танјуг кратко одговори: Точна е информацијата дека Заев не поднесе оставка.
„Ако лидерите на земјите членки на ЕУ донесат негативна одлука за почеток на преговорите, или уште еднаш го одложат датумот, нашата Влада ќе падне, изјави Заев во Виена, уште пред самитот во Брисел.