Оман ги либерализираше браковите со странци

Оманците повеќе нема да мора да добијат дозвола за венчавка со странски државјани, според декретот кој султанот го издаде оваа седмица во ретката општествена реформа во конзервативната земја во Персискиот залив.

Султан Хајтам бин Тарик ал-Саид, откако дојде на чело на Оман во 2020 година по 50-годишното владеење на покојниот султан Кабус, почна да ги спроведува долго одложуваните реформи за подобрување на фискалната стабилност и привлекување на странските вложувања.

Медиумите во Оман, кои се под строга контрола на власта, наведуваат дека Оманците претходно морале да исполнат одредени услови, на пример, да се на одредена возраст, за да добијат дозвола за брак со странци. Неовластените бракови повлекувале парични глоби.

Во неделата оманските државни медиуми објавиле дека султанот Хајтам го издал декретот 23/2023 со кој е поништен законот од 1993 година, според кој министерството за внатрешни работи го одобрува секој брак со странец.

„Фактите и околностите на живеењето се промениле, а и економската ситуацијата е поинаква (од споменатиот закон од 1993-та)“, изјавил за Reuters оманскиот адвокат Салах ал-Макбали.

Во декретот се наведува дека браковите со странците не смеат да бидат во спротивност со шеријатот, односно исламскиот правен систем, јавниот ред или други одредби, како оние кои им забрануваат на одредени државни функционери склучување бракови со странци. Покрај тоа, браковите кои претходно биле сметани за незаконски сега може да се легализираат.

Инаку, од 3,8 милиони жители на Оман само малку повеќе од половината имаат оманско државјанство.

Оман е релативно мал произведувач на нафта во споредба со своите богати соседи, а беше погоден од падот на цените на нафтата по 2014 година и со падот на цените во периодот на пандемијата на коронавирусот.

Од неодамна повисоките цени на нафтата и фискалните реформи го намалија државниот дефицит, а рејтинг агенцијата S&P во март ги ревидираше изгледите на Оман од стабилни на позитивни. Агенцијата наведува дека владата го поправа својот биланс и дека бруто државниот долг паднал на 40 отсто од бруто домашниот производ минатата 2022 година во однос на околу 60 отсто во претходната 2021 година.