ОМД побара датум за преговори со Македонија

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го повикува Европскиот Совет да одреди датум за преговори на Декемврискиот самит што ќе се одржи во четврток 19-ти декември, се вели во соопштениетo од организацијата.

„ОМД го повикува Европскиот Совет да одреди датум за преговори почнувајќи најрано во јануари 2014-та година. Грција ќе го превземи претседателството на Европската Унија следниот месец, десет години откако ја предводи Солунската Агенда чија цел беше да го интегрира Западниот Балкан во ЕУ до 2014 година.  Доколку Грција дозволи да се закаже датум за преговори, Грција ќе одигра значајна улога за стабилноста во регионот. Иако Европската Комисија соопшти дека Македонија треба да се подобри во полето на слобода на медиумите, владење на правото и јавната администрација, на државата и треба датум за преговори за да добие сила да ги спроведе потребните реформи“, велат од ОМД.

Оттаму нагласуваат дека потребна е поголема соработка со соседните земји со цел да се подобрат добрососедските односи. Но, сметаат дека таквата соработка треба да се основа на реципроцитет, взаемна почит и разбирање.

Поточно, велат од ОМД, реципроцитет се бара во полето на заштитата и признавањето на националните и јазични малцинства во соседните земји на Македонија.  Таквото признавање, сметаат во ОМД, значително ќе ги подобри добрососедските односи во регионот.