Химната е значаен столб на државноста, и изучувањето на државната химна во основните училишта суштински ги обединува младите генерации, без разлика на нивната етничка припадност, и оттаму Обединета македонска дијаспора (ОМД) ја осудува владината одлука за вадење на македонската химна од школските учебници по основно образование, се вели во соопштението на ОМД.
Интонација и изучување на државната химна е обележје на повеќето демократски држави во Европа и светот, каде особен акцент е ставен на обединување на сите граѓани зад заедничкиот идентитет и лојалност кон државата во која живеат. Особено загрижувачки е фактот што одлуката за иземање на химната беше донесена после надворешените притисоци кои ја доведуваат во прашање сувереноста на Македонија. Јавен притисок врз македонските власти вршеа поддржувачите на Тиранската платформа, кои директно побараа промена на химната во 2017, како и Грција и Бугарија, кои повикаа на изземање на македонскиот идентитет од државните обележја, вклучувајќи ја и химната.
Неодамна, за време на изведбата на „Денес над Македонија“ во Амбасадата на САД по повод 4 Јули, Тамара Тодевска намерно или ненамерно изостави значителни делови од химната. Овие постапки ги поттикнуваат сомневањата дека прво погрешната интонација, а второ иземањето на химната од школските учебници, се насочени напори кон менување на државните симболи и комплетно поткопување на македонскиот идентитет“, соопшти ОМД и додаде дека очекува враќање на химната во школските учебници во најкратко можно време.