Омекнуваат ставовите на ДУИ, најавуваат засилување на контактите со СДСМ

Демократската унија за интеграција (ДУИ), според сѐ судејќи почна да ги омекнува позициите во пресрет на официјалното почнување на преговорите за формирање на новото парламентарно мнозинство, произлегува од изјавите на високи партиски функционери во кои покажуваат подготвеност да се откажат од идејата за премиер Албанец, а како свој услов во преговорите го поставуваат почитувањето на договорите со Бугарија и Грција и напредокот во евроатланските интеграции.

Организацискиот секретар Артан Груби, вчера во интервју за албански медиум рече дека Алијансата за Албанците на Зијадени Села ѝ „забила нож во грбот“ на идејата за првиот премиер Албанец, додавајќи дека во периодот кој следи очекува да ги засилат контактите за коалицирање со досегашниот партнер во власта СДСМ, отфрлајќи ја можноста за заедничко учество во власта со партијата Левица.

Во СДСМ и натаму сметаат дека имаат најголем коалициски капацитет и очекуваат тие да ја формираат новата Влада. Лидерот на социјалдемократите Зоран Заев во интервју за хрватски медиум повтори дека преговорите за нова Влада ќе почнат веднаш по Илинденските празници за да се испочитуваат уставните рокови.

Од ВМРО-ДПМНЕ исто така ги повторуваат позициите кои лидерот Христијна Мицкоски ги изнесе на прес конференција во своето единствено појавување во јавност, ден по изборите. Од партијата се сметаат за победници на изборите и очекуваат можност за да ја формираат новата Влада.

Алијансата за Албанците, пак, ги проблематизира изборните резултати. По одбивањето на приговорите од ДИК и тужбите од Управниот суд, партијата на Села за во понеделник закажа и протест во Скопје. Партиската позиција е дека нивната коалицијата со партијата Алијанса нема да влезе во Владата доколку таму има претставници на ДУИ.

Според Уставот, парламентот треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите. Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.

На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, според првичните неофицијални резултати што ги соопшти ДИК, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.