Реакција на ОМО Илинден Пирин во врска со последни шпекулации на Бујар Османи за Македонскиот клубот во Благоевград:
Министер Османи кој не само не го помогна, ниту дојде на отворањето на македонскиот клуб, туку го нападна неговото отворање и оние што го помогнаа тоа, продолжува во ист дух. Тој сега ги нападна и оние, кои за разлика од него дојдоа да ги поддржат културните права на Македонците во Бугарија. Еве што рече тој според Република:
„Ние … претпоставуваме дека тоа ќе предизвика верижна реакција на еден негативен фидбек, еден негативен натпревар од кој на крај најоштетени ќе излезат токму граѓаните, Македонците во Бугарија. И сега нека излезат тие што отидоа таму да ги охрабрат, тие политичари што отидоа да ловат политички поени нека им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението“. „Ние знаевме дека тоа е само саботирање на интересите на заедницата и рековме дека на крај тоа ќе заврши на штета на тие граѓани. Мислам дека е време да се прашаат тие политичари што отидоа да ловат одредени политички поени, како сега ќе се оправдаат, како ќе им објаснат на Македонците таму зошто им е укинато здружението.“
Многу е тажно да видиш дека Македонија е водена од толку лошо информиран министер, министер кој се информира од медиумите наместо преку своите служби. Господине Османи, друг пат јавете се кај нас барем да имате точна информација за да не испаѓате во ситуации како сегашната – министер сте!
Друштвото за заштита на основни човекови права, не е забрането после отворањето на клубот, ниту како последица од доаѓањето на вашите политички опоненти на неговото отворање. Тоа е недоразбирање во некои медиуми, кое и вие го ширите сега. Друштвото е дерегистрирано три недели порано, само што врховниот суд така и не ги информирал неговите членови. Но процесот на одземање на регистрацијата започна уште во 2019 година и уште во 2020 гoдина веќе имаше одлука на Благоевградска суд во таа насока. Не памтиме да сте реагирале на тоа. Ако сакате можете да се информирате детално од годишните извештаи за правата на Македонците во Бугарија што ги објавуваме на нашата веб страна.
Така што гледате дека забраната на друштвото нема врска со ова што го зборувате и со луѓето, кои за разлика од вас дојдоа да покажат поддршка. Тие не само немаат никаква вина туку напротив – нивното доаѓање за Македонците овде беше силна морална поддршка – повеќе отколку Република Македонија има направено во последните 30 години, но се разбира тука не го ставаме извршеното од вашата влада зашто со нула не се споредува.
Не треба тие што дојдоа да се правдаат пред нас, вие треба да објаснувате пред македонскиот народ зашто не дојдовте.
Но, дури и да беше како што велите, зарем не требаше како надворешен министер на Македонија да реагирате пред Бугарија и критиките да ги упатите кон неа?! Очигледно за вас е нормално и во ред, ако бугарски суд по политички причини забранува друштво на Македонците во Бугарија.
И кога тоа се случува вината не е на Бугарија туку на Македонците, коишто не направиле ништо незаконско, само дошле да дадат поддршка. И секако на нас Македонците – зашто сме решиле да имаме клуб. Нема начин нашите законски дејствија да не завршат на наша штета кога сме во држава која ги гази сите меѓународни принципи на правото и не дискриминира на етничка основа и кога имаме маќеична наместо матична земја, која никако да нѐ заштити.
Ајде докажете дека сте навистина загрижен, дека сте надворешен министер и воопшто дека сте маж – и реагирајте пред Бугарија за кршењето на нашите права!!!
И на крај. Зашто се жалите дека „Не може здружение на двајца од Канада, пет илјади километри одовде, да ја знаат нашата ситуација подобро. Ако има некој да помогне, да финансира, да охрабрува има луѓе кои подобро ја разбираат проблематиката.“
А каде бевте вие и вашата влада да помогнете? Бевте повикани и да помогнете и бевте поканети да дојдете. Немојте да се обидувате ништо-неправењето што го практикувате да ни го продавате како грижа.
Се надеваме не мислите сериозно дека спаѓате меѓу луѓето „кои подобро ја разбираат проблематиката“. Да беше така ќе знаевте дека не е тоа „здружение на двајца од Канада“ и дека луѓето за кои така потценувачки зборувате цел живот се бават со ова проблематика и имаат направено за Македонците во различни земји – многу, навистина многу.
Без нив и луѓе како нив во Австралија, САД, Европа и други земји македонските движења во Грција и Бугарија тешко дека би постигнале некој сериозен успех. Можеби дури не би опстанале. Во изминатите децении не беше владата на Македонија таа што ни помагала, затоа ќе простите ама нив ги цениме бескрајно повеќе од вас и вашата влада.
Наместо да ги судите поучете се! Тогаш може и нивното, а и нашето мислење за вас да се поправи.