ОН бараат отворање на пристаништето во Одеса за да „излезе“ храната од Украина

Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) денеска повика на повторно отворање на пристаништата во регионот Одеса, во јужна Украина, за да може прехранбените производи во таа земја слободно да циркулираат во остатокот од светот. „Во моментов украинските силоси со житарки се полни. Во исто време, на 44 милиони луѓе во светот им се заканува глад. Треба да ги отвориме тие пристаништа за да може да излезе храната од Украина“, рече во изјавата шефот на таа организација Дејвид Бисли. „Светот го бара тоа бидејќи стотици милиони луѓе во светот зависат од тоа снабдување“, рече тој.

Тој рече дека ги повикал сите засегнати страни да дозволат храната да ја напушти Украина и да биде испратена таму каде што е „очајно“ потребна, за да се избегне заканата од глад.

Бидејќи пристаништата беа блокирани поради војната, милиони тони жито беа складирани во силоси во Одеса и други украински пристаништа на Црното Море. Доколку пристаништата не се отворат повторно, украинските земјоделци нема да имаат каде да ја стават новата летна жетва, соопшти агенцијата на ОН, додавајќи дека тоа ќе доведе до големо расипување на храна.

Околу 276 милиони луѓе во светот веќе се соочуваат со глад од почетокот на 2022 година, а тој број може да се зголеми за уште 47 милиони доколку продолжи конфликтот во Украина. Најголем пораст на бројот на гладните е забележан во субсахарска Африка, објави WFP.

Пред војната, најголемиот дел од храната произведена во Украина се извезувала преку седум пристаништа во земјата на Црното Море, наведува организацијата чие седиште е во Рим.