ОН: ЕУ го претвора Средоземното Море во „големи гробишта“

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Зеид Рајад Ал Хусеин денеска ја критикуваше „циничната“ имиграциска политика, обвинувајќи го Брисел дека Средоземното Море го претвора во „големи гробишта“.

Како што пренесе агенцијата Фена, претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Елхаџ Ас Су, исто така, упати апел да „престане индиферентноста која Средоземјето го претвора во големи гробишта“.

„Европа им врти грб на некои од најчувствителните имигранти на светот и ризикува Средоземјето да го претвори во големи гробишта“, се наведува во соопштението на Хусеин.

– Европејците треба да ја признаат потребата за неквалификувана работна сила и да прифатат дека бегалците имаат право да добијат заштита, оцени тој.

Хусеин ги повика владите на членките на ЕУ да усвојат „похрабар и помалку циничен пристап“ и ги обвини дека им попуштаат на ксенофобските популистички движења.

– Ужаснат сум, но не и изненаден од трагедијата, рече Зеид Рајад ал Хусеин.

– Овие мртви и стотиците други пред нив од последните месеци можеа да се предвидат, рече тој нагласувајќи дека е тоа „резултат на неуспешното управување со ситуацијата и огромниот недостиг од разбирање“.