Обединетите нации го критикуваа Израел во средата за неговата голема воена операција на северниот дел на палестинската енклава Западниот брег(на реката Јордан), за која светската организација рече дека вклучува „смртоносна тактика на војување“.
Луѓето во енклавата „сè повеќе се изложени на тактики на смртоносно војување што се чини дека ги надминуваат меѓународните стандарди за спроведување на законот“, рече во средата Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повикувајќи се на извештаите од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи (OCHA).
„Израелските сили мора да се придржуваат до меѓународните полициски стандарди, според кои смртоносната сила и огненото оружје се последната мерка што може да се користи против непосредна закана од смрт или сериозна повреда“, рече Дужарик.
Најмалку десет лица се убиени досега во големата израелска воена операција започната во текот на ноќта во средата, според палестинските извештаи.
Израелската војска објави дека нејзините припадници влегле во неколку населени места, вклучувајќи ги Џенин и Тулкарем, два града кои се сметаат за упоришта на палестинските милитанти.
Според медиумите, армијата распоредила бројни војници, беспилотни летала и снајперисти, ја уништила цивилната инфраструктура со булдожери и го блокирала секој влез во Џенин.
Имало судири со вооружени Палестинци, а приведени се неколку барани Палестинци, според израелската војска.
Распоредувањето на војниците беше поттикнато од неодамнешното значително зголемување на бројот на напади врз Израелците, за кои се верува дека потекнуваат од северниот дел на Западниот брег, според израелската војска.