ОН: Голем наплив на странски борци во редовите на џихадистите

Повеќе од 25.000 странци од над сто странски држави се приклучиле кој џихадиските групи, соопштија од Обединетите Нации.

Како што пренесува МИА, странските борци кои учествуваат во воените конфликти, се дел од Исламската држава, Ал Каеда, во најголем дел во Сирија, Ирак и Либан.

Ова е лоша вест за ОН кои се обидуваат да го запрат протокот на странски екстремисти, бидејќи како што се оценува во извештајот на оваа организација, ова е сериозен проблем за светската безбедност.

Советот за безбедност на ОН усвои во септември резолуција  со која се повикуваат државите да преземат мерки со кои ќе се спречат своите граѓани да станат борци.

Според извештајот бројот на странски борци е зголемен за 71 процент во светот од средината на 2014 година до март 2015 година, а најголем раст е забележан во Европа и Азија.

Она што особено се истакнува во извештајот е појавата на нови канали за регрутирање џихадисти од Малдивите, Финска, Тринидад и Тобаго, како и од африканските земји јужно од Сахара.

Сирија и Ирак прераснаа во вистински центри за обука на џихадисти, како што беше Авганистан во 80-тите години, се наведува во извештајот.