![малкович](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/07/malkovich.jpg?resize=696%2C363&ssl=1)
Како уникатно и совршено сценско доживување на денешната прес-конференција беше најавена утрешната претстава „Пеколна комедија“: Исповеди на сериски убиец“ која во Охрид, на Охридско лето, и за првпат во Македонија како актер го носи светски познатиот холивудски глумец, режисер и продуцент, Џон Малкович.
Славниот актер утре ќе настапи во придружба на Оркестарот на Виенската академија и сопранистите Чен Реис и Сузан Лангбејн. Како што појасни селекторката на драмската програма на Охридско лето, Сања Арсовска, станува збор за претстава на авторот и режисер, Михаил Штурмингер, која својата драматушка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивставености – комедија и психолошка драма.
Актерот Џон Малкович, кој својата уметничка кариера ја започнал во театарот, појасни дека оваа претставата првпат ја одиграл на сцена пред 15 години, но оти истата е видоизменета, пред се поради органиченоста на уметничките перформанси наметната од коронавирусот.
– Делото минатата година го освеживме, лично за мене, се работи за претстава што многу сакам да ја играм, особено поради тоа што ги обединува класичната музика и актерската игра. Иновативниот пристап е она што ги привлекува луѓето, рече тој.
За насилството како тема третирана во самата претстава, актерот смета дека постојано е актуелна затоа што, како што рече, насилството е секогаш меѓу луѓето.
– Одлуката за помилување може да биде политичка грешка. Од друга страна, сметам дека на секој човек треба да му се даде шанса за покајување. А помилувањето и покајувањето како концепти се постојано спротивставени. Во овој случај лошо проценетите одлуки резултираат со насилство…вели тој.
Министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска истакна дека честа е огромна што Малкович ќе се впише на листата најгламурузни уметници во фестивалската историја на „Охридско лето“, како еден од петте најелитни европски фестивали.
– Малкович со својата драмска и уметничка вредност ќе остави траен белег на нашата најеминентна културно-сценска манифестација. Со богатото искуство и харизма како исклучителен актер, режисер и продуцент, неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на Охридско лето и нашата држава, рече таа.
Малкович навел дека повеќепати бил во регионот и во државите на поранешната југославија, но за првпат е во Охрид.
Инаку, за претставата е резервирана големата сцена на Античкиот театар, таа ќе се изведува пред над две илјади гледачи, а потврда за огромниот интерес кај публиката е тоа што бројни резервации за неа има од регионот, но и од Холандија, Франција, Бразил, САД…