Околу 735 милиони луѓе ширум светот се соочил со хроничен глад во 2022 година, бројка многу повисока отколку пред пандемијата на Ковид-19 и исто така закана за напредокот кон глобалната цел за ставање крај на гладот до 2030 година, објавија Обединетите нации.
Повеќегодишниот нагорен тренд на стапката на глад запре минатата година бидејќи многу земји економски закрепнаа од пандемијата, но војната во Украина и нејзиниот притисок врз цените на храната и енергијата неутрализираа некои од тие придобивки, објавија ОН во својот Извештај за состојбата во однос на безбедноста на храната и исхраната во светот (СОФИ)
Како резултат на тоа, се проценува дека 122 милиони повеќе луѓе биле гладни во 2022 година отколку во 2019 година, а светот е „далеку од колосек“ кон исполнување на Целта за одржлив развој на ОН за ставање крај на гладот до 2030 година, се вели во извештајот.
Напротив, извештајот предвидува дека 600 милиони луѓе ќе бидат неухранети до 2030 година.
„Гледаме дека гладот се стабилизира на високо ниво, што е лоша вест“, рече Максимо Тореро Кален, главен економист во Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), во интервју за Ројтерс.
Главните двигатели на глобалниот глад во последниве години се нарушувањата предизвикани од конфликти, екстремните климатски ситуации кои го загрозуваа земјоделското производство и економските тешкотии влошени од пандемијата, се вели во извештајот.
Гладот е намален во некои делови од светот, вклучително и Јужна Америка и повеќето региони во Азија.
Но, гладот расте на Карибите, Западна Азија и Африка.
За да го сменат трендот, земјите мора да ја спојат хуманитарната помош со зајакнувањето на локалните синџири за снабдување со храна, рече Кевин Мугенја, директор за системи за храна во невладината хуманитарна организација Мерси Корпс, во интервју за Ројтерс.
„Земјите мора да имаат локализирани решенија“, рече тој.
Извештајот го составија Меѓународниот фонд на ОН за развој на земјоделството, Детскиот фонд, Светската здравствена организација, Светската програма за храна и ФАО.