ОН: Не е можно да се евакуираат луѓе од Рафах

Главниот комесар на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток, смета дека евакуацијата на луѓето од градот Рафах на југот на Појасот Газа, што ја бара Израел, е невозможна, пишува денеска германската агенција ДПА.

Филипе Лазарини праша каде треба да се евакуираат 1,4 милиони луѓе собрани во Рафах. „Нема безбедно место во Газа“, рече тој во изјава за швајцарскиот весник „Ноје Цуерхер Цајтунг“.

Северот е полн со неексплодирани бомби и луѓето не можат да се носат таму, вели Лазарини. Тој додаде дека таму постои закана од глад. Израелската влада ги повика организациите на Обединетите Нации кои работат во регионот да помогнат во евакуацијата на цивилите од Рафах. Вооружените сили го гледаат градот како последно упориште на палестинската исламистичка организација Хамас, која сакаат да ја уништат во војна.

Според ОН, повеќе од 1,4 милиони луѓе побегнале од другите делови на крајбрежната енклава и побарале засолниште во градот кој некогаш броел 250.000 жители. Израел предложи жителите на Рафах да се преселат во големите градови со шатори северно од Рафах.

Лазарини рече дека луѓето веќе неколку пати бегале во крајбрежната област. Повеќе од 100.000 луѓе беа убиени, ранети или исчезнати. Речиси 18.000 деца во Газа останаа сираци за само четири месеци. Палестинската хуманитарна организација е под истрага поради израелските наводи дека 12 вработени на УНРВА учествувале во нападите на Хамас на 7 октомври.