ОН: Притворените Палестинци подложени на тортура во затворите во Израел

Палестинците притворени во Израел во текот на актуелната војна во Појасот Газа главно се држат во тајност и се подложени на тортура, објави во средата канцеларијата на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Турк.

„Сведоштвата собрани од мојата канцеларија и од други субјекти зборуваат за низа ужасни дејствија како што се, меѓу другото, симулирано давење и пуштање кучиња врз затворениците, што е флагрантно кршење на меѓународните закони за човекови права и меѓународното хуманитарно право“, рече Турк.

Најмалку 53 затвореници од палестинските енклави Појасот Газа и Западниот брег починале во израелски притвор од ланскиот 7-ми октомври, според извештајот на Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации кој го опфаќа периодот од споменатиот датум до 30-ти јуни годинава.

Од нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври и почетокот на израелската офанзива на Појасот Газа, илјадници Палестинци, вклучително и лекари, нивните пациенти, жители и заробени борци, се однесени од енклавата во Израел, „обично со лисици и врзани. Илјадници други се приведени на Западниот брег и Израел“, се вели во извештајот.

„Тие главно се приведени во тајност, без да се наведат причината за притворот, без пристап до адвокат или судски надзор“, се предупредува во извештајот.

Турк ги повика сите страни вклучени во конфликтот да постигнат договор за прекин на огнот и да обезбедат почитување на меѓународното право и да обезбедат транспарентност во однос на неговите прекршувања.

Извештајот заклучува дека постојат „разумни основи да се верува“ дека сите функционери, и израелските и палестинските вооружени групи, „извршиле сериозни прекршувања на правата и злоупотреби“.