Обединетите нации во новиот извештај соопштуваат дека децата во Сирија се регрутирани да се борат со опозицијата, се користат како живи штитови, а во владините притвори дури биле и сексуално злоупотребувани.
Во извештајот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, се наведува дека владините сириски трупи за време на тригодишната сириска војна се одговорни за тешко насилство врз деца.
„Страдањето кои го претрпеле децата во Сирија од почетокот на немирите, како што е документирано во овој извештај, е неприфатливо“, истакнал Бан во извештајот од 27 јанури, кој синоќа беше објавен на интернет, пренесе Ројтерс.
Извештајот го опфаќа периодот од први март 2011 до 15 ноември 2013, а Бан потврди дека вооружените групи регрутирале и користеле деца за поддршка и за борба.
„Посебно загрижуваат случаите на регрутирање или обид за регрутирање на деца меѓу бегалците од соседните земји. Поголемиот број на инциденти се поврзани со регрутирање на деца од страна на Слободната сиријска арамија и со нив поврзани групи или од страна на вооружените групи на сиријските Курди“, рекол Бан.
Според Бан, причината за регрутирањето на децата е недостатокот на образование, невработеноста или притисокот од врсниците.
“Разговорите со децата или нивните родители покажуваат дека губитокот на родителите или роднините, политичка мобилизација, како и притисокот од врсниците и заедницата, допринеле за вклучување на деца кон вооружени групи“, се наведева во извештајот, во кој се потенцира дека многу деца изјавиле дека тие сметаат дека имаат одговорност да се приклучат кон опозицијата.
Бан истакнал дека владините снаги се одговорни за апсење, мачење и тортура врз деца поради нивни претпоставки дека се поврзани со опозицијата, кои ги користеле децата како „жив штит“.
Според проценките на ОН, во војната во Сирија животот го изгубиле околу 100.000 лица, меѓу кои 10.000 деца.