Според извештајот на експертскиот тим на ОН, со кој раководеше шведскиот професор Оке Селстром, во Сирија „веројатно е употребено“ хемиско оружје на пет до седум испитани локации.
Во извештајот кој беше објавен вчера се наведува дека нервниот агенс сарин бил користен за време на нападот на 21 август во близина на Дамаск. Исто така се наведуваат и „веродостојни потврди“ и „докази кои се во согласност со веројатната употреба на хемиското оружје“ за локации во Гута од 21 август, Кан ел-Асал на 19 март, Џобар на 24 август, Саракеб на 29 април и Ашафрија-Сахнај на 25 август.
Нападот на 21 август во кој загинаа над илјада лица предизвика осуда во целиот свет и беше повод за мисија на ОН за да се уништат залихите на хемиско оружје на сириската влада.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун денеска на затворена седница треба за резултатите од истражувањето да го извести Генералното собрание, а во понеделник и членовите на Советот за безбедност на ОН.