Тим од експерти на Обединетите нации во понеделникот објави дека има „разумни причини“ да се верува дека сексуално насилство, вклучително и силување и групно силување, се случило на неколку локации за време на нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври минатата година.
Тим на ОН, предводен од специјалната пратеничка за сексуално насилство во конфликти, Прамила Патен, го посетил Израел за да собере, анализира и потврди информации за сексуално насилство во текот на споменатиот за време на нападот на палестинсите радикални движења во јужен Израел минатата есен.
„Беа собрани веродостојни посредни информации кои би можеле да укажат на некои форми на сексуално насилство“, се вели во извештајот на ОН.
Палестинската милитантна група Хамас постојано ги негира обвинувањата за сексуално насилство.
„Тимот експерти најде јасни и убедливи информации дека некои од заложниците биле изложени на различни форми на сексуално насилство и има разумна основа да се верува дека таквото насилство бо моќело да биде во тек“, се вели во извештајот на ОН.
Експертите велат дека ќе биде потребна „целосна истрага“ за да се утврди степенот и спецификите на сексуалното насилство.
Додаваат дека добиле информации и за „сексуално насилство врз палестински мажи и жени во затворите, при претреси на нивите домови и на контролни пунктови“ по 7-ми октомври.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кон крајот на минатата година изјави дека сексуалното насилство извршено на 7-ми октомври „мора да биде темелно истражено и кривично гонето“.
„ОН тврдат дека се грижат за жените, но додека зборуваме, терористите на Хамас силуваат и злоупотребуваат израелски жени“, тврдеше претходно во понеделникот на Генералното собрание на ОН, израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан.
Додаде дека „Хамас мора да се соочи со немилосрден притисок да го прекине своето сексуално насилство и веднаш да ги ослободи сите заложници“, рече тој.
Непосредно пред објавувањето на извештајот, израелскиот министер за надворешни работи рече дека го повикал амбасадорот Ердан на консултации поради наводните обиди да се прикријат извештаите за сексуално насилство од страна на Хамас.
„Му наредив на нашиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, да се врати во Израел на итни консултации во врска со обидот да се прикрие сериозниот извештај на ОН за масовните силувања извршени од Хамас и неговите поддржувачи на 7-ми октомври“, рече шефот на израелската дипломатија Израел Кац.
Одговарајќи на наводите, портпаролот на генералниот секретар на ОН рече дека Антонио Гутереш „на никој начин“ не се обидел да го прикрие извештајот за сексуално насилство. Прамила Патен ја заврши својата работа „темелно и вредно. Генералниот секретар на ниту еден начин не направи ништо за да го потисне овој извештај“, рече Стефан Дужарик.