Британскиот премиер Борис Џонсон, сепак, има намера да поднесе оставка во текот на неколкуте наредни часови, пренесуваат во четвртокот претпладнето телевизиите ITV, Sky News и весникот The Times, повикувајќи се на извори од опкружувањето на челникот на владејачките конзервативци.
Од владиното седиште во Даунинг стрит 10 потврдиле дека премиерот подоцна претпладнето ќе даде изјава во врска со оставката.
Според истите извори, Џонсон би останал да ја извршува должноста до изборот на новиот челник на Конзервативната партија, односно новиот шеф на британската влада.
Владини извори рекле дека Џонсон разговарал со претседателот на ториевскиот Комитет 1922, сер Греам Брејди, и се согласил да се повлече од должностите, а новиот лидер на конзервативците ќе биде поставен до партиската конвенција во октомври.
Џонсон, кој од вторникот беше под силен притисок да отстапи од премиерската функција, во средата рече дека има намера да „продолжи“ со работата, но се чини дека притисокот од сопартијците и јавноста бил преголем. Така, и неговиот близок соработник Недим Захави, во средата го повика да си замине, само 24 часа откако ја прифати функцијата министер за финансии, испразнета по оставката на Риши Сунак.
Сѐ појасно станува дека Џонсон се соочува со можноста вторпат за неколку седмици да биде гласано за негова доверба, но се чини дека овојпат нема да го преживее гласањето.
Џонсон во средата го имаше можеби најтешкиот ден во својата политичка кариера откако оставка поднесоа над 40 министри и негови блиски соработници. Иако и други го повикаа да се повлече, меѓу кои и министерката за внатрешни работи Прити Пател, Џонсон изјави дека е решен да продолжи со мандатот.
Џонсон дури го смени министерот за домување и локални заедници и еден од своите најблиски соработници Мартин Гоув откако тој го повика да поднесе оставка.
Откако доцна синоќа оставка даде министерот за Велс, Сајмон Харт, серијата продолжи и утрово со повлекувањето на министрите за Северна Ирска, безбедност и наука.
И покрај тоа, Џонсон вчера инсистираше дека има огромен мандат од изборите во 2019 и дека во Конзервативната партија има доволно талентиран кадар за да се заменат министрите кои дадоа оставка.
Новата политичка криза во Британија почна со завчерашните шокантни оставки на министрите за финансии и здравство, кои кажаа дека веќе не сакаат да бидат дел од оваа влада обремената со скандали.