Џонсон ќе биде казнет поради забавите за време на карантинот

Британскиот премиер Борис Џонсон и министерот за финансии Риши Сунак ќе бидат казнети од полицијата поради прекршување на карантинот, соопшти владата.

Полицијата претходно соопшти дека ќе изрече уште најмалку 30 казни за луѓето кои присуствувале на собирите во канцелариите и резиденцијата на Џонсон, со што го прекршиле карантинот кој тогаш бил на сила. Вкупно ќе бидат казнети повеќе од 50 лица.

„Премиерот и министерот за финансии денеска добија известување дека полицијата има намера да им испрати фиксна парична казна“, се вели во соопштението на владата.

„Немаме други детали, но ќе ве известиме кога ќе ги имаме“, се додава.

Забавите во Даунинг стрит, додека во сила биле строги мерки за ограничување на движењето и собирањето, се одржале во мај, јуни, ноември и декември 2020 година и во јануари и април 2021 година. Опозициските пратеници претходно го повикаа Џонсон да отстапи откако беше утврдено дека ги прекршувал мерките донесени од неговата влада.