![British Prime Minister Boris Johnson, European Commission President Jean-Claude Juncker and European Union's chief Brexit negotiator Michel Barnier leave after their meeting in Luxembourg](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/10/boris-dzonson-i-zan-klod-junker.jpg?resize=696%2C472&ssl=1)
Топчето сега е на вашето поле, му порача во понеделникот британскиот премиер Борис Џонсон на Брисел повикувајќи ги европските партнери итно детално да го разгледаат неговиот последен предлог со кој би се избегнало хаотичното истапување на Обединетото Кралство од Европската унија до зададениот рок на 31-ви октомври.
На 24 дена пред истекот на споменатиот рок, кој британскиот премиер Борис Џонсон повторно го зацрта како краен за раздружувањето меѓу Лондон и Брисел, ниту една од двете страни не сакаат да бидат виновни за одложување на датумот или неуреденото излегување, односно ткн брегзит без договор. Европските челници многу студено го примија последниот предлог на Џонсон за надминување на несоглагасувањата со кој во средата понуди компромисно решение за ирската граница, што е всушност најболното прашање.
„На нашите пријатели им велиме дека нашата понуда е многу великодушна, чесна и разумна. Би сакале сега да слушмнеме што тие мислат за тоа. Доколку имаат прашања за кој и да е од предлозите што ги изнесовме, ајде тоа подетално да го расправаме“, му порача Џонсон на Брисел.
Според предлогот на Џонсон, за границата меѓу Република Ирска, која е членка на Европската унија, и Северна Ирска, која е покраина на Обединетото Кралство, Северна Ирска би ја напуштила царинската унија заедно со остатокот од Британија на почетокот од 2021 година, но со согласност со северноирскиот парламент, би продолжила да ја спроведува европската легислатива за земјоделските и други производи, што британскиот премиер го препознава како „островска регулаторна зона“. Тоа би ја отстранило потребата од пороверка на стандардите и сигурноста на стоките на границата меѓу двете Ирски, бидејќи двете би биле дел од таа зона.
ЕУ мора да им се придружи на компромисите кои ги изнесе Британија, за да обезбеди договор за брегзитот, рече во понеделникот портпаролот на Џонсон. Призна дека преговорите за брегзитот се под притисок и дека британскиот премиер разговара со странските челници за плановите кои ги изнесе минатата седмица.
„Премиерот сѐ уште верува дека пости можноста да добиеме договор, но ЕУ мора да сфати дека ‘бекстопот’ мора да се отстрани за тоа да се оствари“, рече портпаролот на Џонсон.
Бекстопот е контроверзен „сигурносен механизам“ со кој треба да се избегне тврдата граница на Ирскиот остров, но критичарите оценуваат дека овој механизам може на долг период да ја врзе Велика Британија за европските прописи.