![dzonson zelenski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/04/dzonson-zelenski.png?resize=685%2C486&ssl=1)
Британскиот премиер на заминување Борис Џонсон му порачал во петокот на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека поддршката на Велика Британија нема да се намали без оглед на тоа кој ќе биде следниот премиер.
Џонсон, исто така, го поздравил веста за постигнување на долго очекуваниот договор за деблокада на извозот на житарки од Украина кој претходно во петокот во Истанбул го потпишаа Русија и Украина со посредство и гаранции на Турција и Обединетите нации, и истакнал дека договорот мора „во целост да биде спроведен“.
Во разговорот меѓу двајцата политичари, Џонсон „ја истакна константната решителност на Обединетото Кралство да го поддржи украинскиот народ и рече дека таа решителност нема да подзапре, без разлика на тоа кој ќе стане следниот премиер на Обединетото Кралство“.
Една од портпаролките на британската влада рекла дека „претседателот Зеленски му се заблагодари на премиерот на силната поддршка за Украина, како и на убавите зборови во последното обраќање во парламентот“ на Велика Британија, пренесува агенцијата DPA.
„Премиерот ги изнесе неодамнешните чекори кои Обединетото Кралство ги презема за да ја зајакне украинската одбрана, вклучително и обуката на илјада украински војници во Обединетото Кралство“, додала.
„Обединетото Кралство работи на јакнење на обуката, вклучително и со вклучување на меѓународните партнери. Претседателот Зеленски изјави дека воената поддршка која ја пружаат Обединетото Кралство и другите прави стварна разлика во судирот“, се додава во изјавата.