Џонсон на новиот директор за комуникации му ја испеал „I will survive“

Британскиот премиер Борис Џонсон му порачал на својот нов директор за комуникации Гуто Хари „I will survive“ (Ќе преживеам) кусо пеејќи му го хитот на Глорија Гејнор, во екот на скандалот со раскалашните забави во владиното седиште во Даунинг стрит во времето на најстрогото „затворање“ и заминувањата на неколкуте негови блиски соработници.

Гуто Хари, кој беше портпарол на Борис Џонсон и шеф на неговиот кабинет во текот на неговиот прв мандат како градоначалник на Лондон, беше именуван во саботата, откако двајцата имаа состанок во петокот.

Како што објави јавниот сервис BBC, Хари рекол дека неговиот шеф „не е комплетен кловн, туку многу симпатичен карактер“, во периодот кога Џонсон се соочува со жестоки критики поради неговиот хаотичен начин на практикување на власта.

За Golwg 360 Хари рекол дека по споменатиот диско-хит заедно „добро се насмеале“, но потоа седнале и воделе многу серозни разговори „за тоа како да се врати владата на правиот пат и како да се оди напред“.

„Деведесет отсто од нашиот разговор беше многу сериозен“, но тој не е таков карактер и мора да има шега“, додал Хари.

Пет соработници го напуштија Џонсон минатата седмица, од кои тројца беа поврзани со забавите со многу алкохол во резиденцијата на британскиот премиер во времето кога Британците не смеаја да се собираат во поширокото семејство, да одат на венчавки па и на погребите на своите најблиски.

Хари е еден од првите новоименувани непосредни соработници на Џонсон, по шефот на кабинетот Стив Баркли.