Џонсон: Ова не е крај, туку почеток

Кога часовникот ќе отчука полноќ по средноевропско време, Велика Британија после 47 години ќе ја напушти Европската унија, а премиерот Борис Џонсон ќе ја пречека „зората на новата ера“ и ќе порача дека Брегзит не значи „крај, туку почеток“.

Џонсон ќе и се обрати на нацијата еден час пред полноќ по локално време.

Во утринските часови Џонсон ќе се сретне со министрите во владата во Сандерленд, североисточна Англија. Тоа е градот кој прв го поддржа Брегзит откако беа објавени резултатите од референдумот во 2016 година, потсетува Би-Би-Си.

Како што соопшти канцеларијата на британскиот премиер, Џонсон во телевизиското обраќање ќе го нарече Брегзит „момент на вистинска национална обнова и промена“.

– Најважното нешто што треба да се каже вечерва е дека ова не е крај, туку почеток. Ова е моментот на нова зора, а завесата се крева за да започне нов чин. Тоа е момент на вистинска национална обнова и промена, ќе порача Џонсон.

Владата во Лондон верува дека моментот ќе помине достоинствено, без триумфализам, со црвени, бели и сини светла кои ќе ги осветлат зградите на владините институции и часовник проектиран на зградата на резиденцијата на премиерот кој ќе ги одбројува последните минути.

Големиот заговорник на Брегзит, Најџел Фараж, планира малку побучна прослава со песни и говори, а своите приврзаници ќе ги собере пред Парламентот.

Светските агенции потсетуваат дека не се сите среќни поради тоа што Велика Британија ќе стане првата земја што ќе ја напушти ЕУ.

Во Единбург вечерва знамето на ЕУ нема да биде отстрането од шкотскиот Парламент. Пратениците одлучија да го задржат како симбол на нивното противење на Брегзит.

Шкотската Влада ќе ги осветли двете владини згради во боите на знамето на ЕУ, сина и жолта.

Жителите на Лондон исто така гласаа да останат во ЕУ. Градоначалникот на главниот град Садик Кан изјави дека Лондон секогаш ќе остане „вистински светски, европски град“.

– Ќе продолжиме да бидеме светилник на напредни идеи, на либерални вредности, рече Кан.

Би-Би-Си додава дека на полноќ Биг Бен нема да чука, затоа што во тек е негово реновирање, а во Брисел британското знаме ќе биде отстрането од институциите на ЕУ.