Џонсон: Сѐ уште постојат изгледи да се спречи крвопролевањето

Британскиот премиер Борис Џонсон оцени во петокот ноќта дека „сѐ уште постојат можности да се спречи непотребното крвопролевање“ во Украина, повикувајќи ги западните земји на солидарност, пред да замине на Минхенската безбедносна конференција во Германија.

„Трупањето на руските сики на границата со Украина продолжува, иако Москва го тврди спротивното“, го повтори Лондон претходно искажаното мислење на Вашингтон.

Притоа од Даунинг стрит го наведуваат податокот за наводно 7.000 нови руски војници на укранската граница. Американски функционер претходно изјави дека во близина на границата со Украина има 150.000 руски војници, дури и до 190.000 ако се сметаат и борците на проруските милиции во самопрогласените републики во Донецк и Луганск.

„Сѐ уште постојат изгледи да се спречи непотребното крвопролевање, но тоа ќе бара солидарност од Западот каква што не е видена во поновата историја“, истакнува Борис Џонсон во писмената изјава за јавноста.

„Сојузниците мора да бидат едногласни за да го предупредат (рускиот претседател Владимир) Путин дека ќе мора да плати висока цена. Дипломатијата сѐ уште може да надвладее“, додава британскиот премиер кој во саботата ќе земе учество на меѓународнаата безбедносна конференција во Минхен.

Годишната конференција посветена на одбната и безбедноста се одржува од петок до недела во баварската престолнина. Годинешната, којашто ќе се одвива со физичко присуство по пандемиските години, се случува во екот на ексалацијата на тензиите меѓу Западот и Русија која е обвинета дека наводно подготвува голема инвазија врз Украина.

Светски челници и високорангирани дипломати дискутираат од ептокот до неделата за одбранбените и безбедностни прашања. Во Минхен ќе се обратат и американската потпретседателка Камала Харис, шефовите на дипломатиите од водечките членки на ЕУ, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Руските дипломати, кои инаку редовно учестуваат на Минхенската безбедносна конференција, годинава не испратија претставници. Тоа го образложија со несакање да се изложуваат на непријатности поради епидемиолошките мерки за влез во земјите, бидејќи руските вакцини против Covid-19 не се признаени на Западот.