ОOН бара поефикасно спроведување на договорот за извоз на жито преку Црното Море

Обединетите нации ги повикаа сите потписнички на Договорот за извоз на жито преку Црното Море да ја подобрат ефикасноста на извозот и соопштија дека организацијата не може да биде одговорна за тоа што повеќе од 100 бродови сè уште чекаат во водите на Турција за одобрение да поминување низ Босфорот.

Според договорот кој во јули минатата година го потпишаа Русија, Украина, Турција и ОН, инспекцијата на бродовите се врши во турските води на патот кон и од Украина, а сите четири страни заедно работат на инспекција и одобрување на бродовите да вршат извоз.

„ОН ги повикуваат сите страни да работат на отстранување на пречките и подобрување на оперативната ефикасност“, се вели во соопштението на организацијата.

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд минатата недела изјави дека Русија „намерно ги забавува инспекциите“, и потсети дека според договорот, пет милиони тони храна месечно треба да се извезуваат.

Во соопштението на ОН се наведува дека во последните две недели „просечното време на чекање на бродовите меѓу регистрацијата и инспекцијата е 21 ден“, како и дека „се мора да се направи со соработка на сите инволвирани страни, а ние се обидуваме се да оди што побрзо“.

Договорот од јули вклучува олеснување на извозот на храна и ѓубрива од Русија, вклучувајќи и амонијак, а ОН се обидуваат да покренат преговори за испорака на руски амонијак, клучна состојка во нитратното ѓубриво, преку гасовод до украинското пристаниште на Црното Море.