ООН ја намалува помошта за Палестинците на Западниот Брег и појасот Газа

Светската програма за храна (WFP) денеска најави дека поради недостаток на пари следната година ќе се намали помошта во храна за речиси 190.000 Палестинци во појасот Газа и на Западниот Брег, што е за половина од вкупниот број корисници.

Почнувајќи од 1-ви јануари, WFP ќе ја суспендира помошта за 27.000 лица на Западниот брег и ќе ја намали помошта за 165.000 луѓе во окупираните области и појасот Газа за 20 отсто.

Агенцијата е принудена да го стори тоа пред се поради драстичното намалување на средствата што ги добиваме, рече директорот на WFP за регионот, Стивен Керни.

Донациите значително се намалуваат по укинувањето на помошта од страна на САД, а овој проблем ја засега целата хуманитарна заедница.

ООН и Палестинската управа побараа 350 милиони долари помош за Палестинците во понеделникот, додавајќи дека се потребни многу повеќе средства.

Керни истакна дека на WPF и се потребни уште 57 милиони долари за да го одржи досегашното ниво на помош за 360.000 лица во 2019 година.