Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи самостојни извозници предводени од Русија го одложија планираното зголемување на понудата до крајот на годината, предупредувајќи дека би можеле и да ја намалат поради намалената побарувачка и зголемената конкуренција од други независни производители.
Групацијата моментално го намалува производството за 5,86 милиони барели дневно за да ги поддржи цените кои се попречени од загриженоста за економскиот раст, особено во Кина и САД.
Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман доброволно го намалуваат извозот за 2,2 милиони барели дневно, а според договорот на почетокот од летото, требаше да ја зголемат понудата за скромни 180 илјади барели дневно од почетокот на октомври, откако групацијата процени дека побарувачката закрепнува.
Планот се смени бидејќи цените на нафтата остро паднаа пред една седмица поради знаците на слаба побарувачка во Кина и САД и најавеното нормализирање на испораките од Либија.
Осумчлената група во четвртокот одлучи да го одложи зголемувањето на понудата за два месеца, до декември, објави OPEC.
Од почетокот на декември до ноември следната година, осумте земји постепено ќе го зголемуваат производството од месец во месец, „со можност за паузирање или откажување на прилагодувањата (на понудата), во зависност од потребата“.
Група министри од водечките членки на OPEC+ кои го сочинуваат Заедничкиот министерски комитет за надзор и можат да препорачаат промени во производната политика ќе се состанат на почетокот на октомври, а состанокот на целосната група е закажан за 1-ви декември.