Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници независни големи извозници предводени од Русија одлучија да ја намалат понудата и во 2025 година за да ги поддржат цените во период на забавена побарувачка и повисока понуда од група независни производители предводени од САД.
Картелот попознат како OPEC+ ја намалува понудата од крајот на 2022 година, за вкупно 5,86 милиони барели дневно, што одговара на околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка.
Во неделата го продолжија за една година, до крајот на 2025 година, договорот со кој се предвидува намалување на понудата за 3,66 милиони барели дневно. Останатите 2,2 милиони барели дневно ќе бидат исклучени од пазарот до крајот на септември, соопшти групацијата, додавајќи дека планот е етапно да се враќаат до крајот на септември следната година.
„Чекаме пониски каматни стапки и подобра траекторија за економскиот раст… што треба да ги замени расфрланите џебови“, рече саудискиот министер за енергија принцот Абдулазиз бин Салман.
Групацијата очекува побарувачката на нејзината нафта да биде просечно 43,65 милиони барели дневно во втората половина од годината.
Истовремено, тие ги одложија разговорите за нови производствени капацитети за ноември следната година, известувајќи дека во пресметката на производните квоти за 2026 година ќе бидат вклучени и независни проценки на капацитетите. Во моментов, квотите се пресметуваат врз основа на номиналните капацитети.
OPEC воспостави соработка со Русија, Мексико, Казахстан, Оман, Азербејџан, Малезија, Бахреин, Јужен Судан, Судан и Брунеи во 2016 година, а нивниот удел на светскиот пазар на нафта денес, според Reuters, е околу 41 отсто, па дури и повеќе, доколку се земат предвид сите видови нафта.