OPEC повторнo ги намали проценките за растот на побарувачката на нафта

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) повторно во вторник ги намали прогнозите за растот на глобалната побарувачка оваа и следната година, издвојувајќи ја побавната економска активност и промената на Кина кон почисти горива.

Во средината на октомври OPEC ја намали својата проценка за растот на глобалната побарувачка оваа година од 2,03 милиони на 1,93 милиони барели дневно, наведувајќи го забавувањето на активностите во градежниот сектор во Кина и префрлањето на камионите кон почисти горива. Тие, исто така, ја намалија проценката за растот за следната година, од 1,84 милиони на 1,74 милиони барели дневно.

Во вторникот нафтениот картел ја намали проценката за овогодинешниот раст на 1,82 милиони барели дневно. А во 2025 година побарувачката ќе порасне послаба отколку што очекуваа досега, за 1,54 милиони барели дневно.

А најновите проценки беа намалени, пред сѐ, поради Кина, чија побарувачка оваа година треба да се зголеми за 450 илјади барели дневно, приближно 100 илјади барели помалку отколку што покажаа претходните пресметки.

Потрошувачката на дизел во Кина се намали во септември на годишна основа седми месец по ред, потсетуваат аналитичарите на ОРЕС, нагласувајќи повторно забавување на економската активност, пред се во градежниот сектор, и преминот на камионите кон течен природен гас.

Побарувачката на членките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕCD) годинава ќе се зголеми за 160 илјади барели дневно, нешто посилно отколку што покажаа претходните проценки, одразувајќи го речиси целосно очекуваниот пораст на побарувачката во САД.

Побарувачката во Европа, исто така, би требало да се зголеми благо оваа година, за 10.000 барели дневно, пресмета ОРЕС. Досегашните проценки покажуваат благ пад.

Членките на ОРЕС ја зголемија понудата, според извештајот на групата, меѓу другото затоа што либиското производство се нормализираше по политичките немири. Така, ОРЕС и неговите сојузници големи независни производители предводени од Русија познати како групата OPEC+ во октомври произвеле 40,34 милиони барели дневно, 215 илјади барели дневно повеќе отколку во септември.