„Opel“ го намалува производството во својата главна фабрика во Германија

Производителот на автомобили „Opel“ во понеделникот потврди дека има намера да го намали производството во својата главна фабрика во Германија и да организира работа во една смена за да се прилагоди на послабата побарувачка.

Информацијата за намалување на производството во погоните во Риселхајм во понеделникот ја објави деловниот дневен весник Handelsblatt, повикувајќи се на интерен меморандум на работничкот совет, според кој фабриката извесен период ќе работи во една смена.

Управата потврди за весникот дека ќе воведе „нови, пофлексибилни модели со смена во сите области“ во Риселхајм поради забавувањето на нарачките и „актуелните случувања на пазарот“.

Од крајот на јануари следната година имаат намера повторно да го зголемат производството, јавуваат германските медиуми.

Склопувањето на компактниот автомобил од моделоте „Astra“ и неговиот сестрински модел „DS 4“ во Руселхајм ќе биде паузирано оваа седмица, изјави портпаролот на компанијата.

Менаџментот на компанијата, која е дел од групацијата „Stellantis“, ќе ја прилагоди фабриката во Риселхајм да работи во една смена во договор со советот на работниците, додаде тој.

Консултациите со работниците треба да траат до крајот на јануари.

„Работниците нема да работат оваа седмица, што нема да им се одземе од платата, како признание за нивниот труд“, рече портпаролот.

Производството во една смена започнува на 9 декември.

Во јуни „Opel“ прослави 125 години производство, со присуство на германскиот канцелар Олаф Шолц. Во 2017 година, поранешната подружница на „General Motors“ беше преземена од матичната компанија на „Peugeot“ – PSA, а потоа беше вклучена во мултинационалната групација „Stellantis“, со укинување на неколку илјади работни места.

Моментално, фабриката за склопување во Руселсхајм има околу 1.600 вработени.

Главниот извршен директор на „Stellantis“, Карлос Таварес, поднесе оставка во неделата, напуштајќи ја компанијата околу една година пред истекот на неговиот мандат, по остриот пад на испораките во третиот квартал и проблемите со зголемувањето на залихите во САД.

Во средината на октомври, управата на „Stellantis“ прелиминарно процени дека испорача 20 отсто помалку автомобили во третиот квартал од минатата година. Неколку недели претходно, тие значително ја намалија проценката за оперативната профитна маржа за оваа година и најавија дека ќе потрошат до 10 милијарди евра на план што треба да го заживее бизнисот во САД.