„Опенхајмер“ триумфираше на доделувањето на филмските награди BAFTA

Тричасовниот еп за правењето на најубиственото оружје во историјата на човештвото – атомската бомба на самиот крај од Втората светска војна, со седумте награди стана големиот победник на доделувањето на највисоките британски филмски признанија во неделата.

„Опенхајмер“, еден од филмовите со најголема заработка во минатата 2023 година ја освои главната награда на вечерта – наградата за најдобар филм. Исто така, го освои наградите за главна машка улога за Килијан Марфи, за споредна машка улога Роберт Дауни Џуниор, за монтажа, за камера, оригинална музика и режија за Кристофер Нолан.

„Морам да им се заблагодарам на многу луѓе за ова, на неверојатната актерска екипа… неверојатната екипа“, изјави во својот говор Нолан за кого ова е првата награда BAFTA.

Ема Стоун ја освои наградата за најдобра главна женска улога за готичката комедија „Клетници“, која освои вкупно пет награди.

Да’Вин Џој Рандолф ја освои наградата за најдобра женска споредна актерка во „The Holdovers“, комендија чиешто дејство е сместено во машки интернат.

Судската драма „Анатомија на падот“ ја освои првата награда на вечерта, онаа за оригинално сценарио.

„Зона на интерес“, воено-криминалистички филм за командантот на Аушвиц и неговото семејство коешто живее во близина на германскиот нацистички логор на смртта, ја освои специјалната награда за британски филм.

Наградата за најдобар документарен филм ја доби филмот „20 дена во Мариупол“, личен приказ на новинарот Мстислав Чернов за опсадата на украинскиот град.

„Тука не станува збор за нас, ова е филм за Украина, за луѓето од Мариупол.. завчера уште еден украински град падна… многу градови пред тоа“, рече Чернов во својот говор.

Покрај мноштвото славни личности коишто присуствуваа на церемонијата во „Ројал Фестивал Хол“ на бреговите на реката Темза во центарот на Лондон, не листата со гости фигурираше и претседателот на BAFTA, британскиот принц Вилијам.

Доделувањето на наградите на Британската академија за филмски и телевизиски уметност (British Academy of Film and Television Arts – BAFTA), ја водеше актерот Дејвид Тенант.