Организацијата на потрошувачи на Македонија(ОПМ) останува на барањето да се замрзнат цените на производите, а не на маржите. Од март годинава постојано добиваат претставки од граѓаните кога влегуваат во супермаркети и реагираат на цените, но и на квалитетот на производите што се во фрижидерите.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова вели дека претставки веќе имаат, а на терен секојдневно се и инспекциите, кои утврдуваат дали трговците за да ги намалат сметките за струја ги исклучуваат фрижидерите.
-Инспекторите може да бидат на терен, дури и рано сабајле да видат дали ладилниците се уклучени или не. Бидејќи може навечер или во текот на денот да ги исклучуваат фрижидерите, вели Лончар-Велкова.
Таа посочи дека во зимскиот период очекуваат да се зголеми бројот на претставки поврзани со сметките за струја. Изминатиот период реакциите се околу цената на трансмисија на струјата, која најмногу ги буни граѓаните. Имаат и реакции од страна на граѓаните и за цената на огревното дрво, кое дефинитивно не се продава за 3.000 до 3.500 денари.
-Луѓето не можат да ги најдат тие дрва по 3.000 денари. И јас лично барав, не можев да најдам. И кога правевме истражување, пак не најдовме. Сега ќе мора да купат помалку од потребното, за дополнително да не го оптеретат буџетот. Таква цена од 3.000 до 3.500 денари нема, вели Лончар-Велкова.
Забележа дека треба да има и субвенции, но и поволни кредити за граѓаните кои купуваат инвертор клими и се залагаат за заштита на животна средина.