Полицијата во Охрид информираше дека синоќа во 21:30 часот до СВР било пријавено од страна на 50-годишна охриѓанка дека пред нејзиниот дом било опожарено нејзиното патничко возило „БМВ Икс3“ со охридски регистарски ознаки.
На терен интервенирала екипа на територијалната противпожарна единица, пожарот бил изгаснат, а повредени нема. Увид на самото место извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Здружението на новинари на Македонија информира дека опожареното возило е во сопственост на дописничката на „Сакамдажам.мк“ од Охрид, Сузана Вренцоска, како и дека постојат индиции оти се работи за намерно подметнат пожар.
ЗНМ најостро го осудува инцидентот и го повикува Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент.