Сценариото на СДСМ е очигледно и тие се разобличени, па оттука мораат да продолжат со вакви паради, само за да го прикријат скандалот во кој се заплеткаа Зоран Заев и нивното раководство. Јавноста веќе оправдано се прашува како може цела опозиција да тврди дека е прислушувана, а да не излезе во јавност ниеден нивни разговор, реагира ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес- конференција на која Стево Пендаровски, Тито Петковски, Радмила Шекеринска и Андреј Жерновски најавија проширена кривична пријава до Обвинителството за неовластено прислушување.
„Кого го потценува СДСМ. На изборите изгубија со над 200 илјади разлика и граѓаните јасно се определија за концептот базиран на работа и проекти, наместо за деструктивната политика на СДСМ за креирање кризи и држење во заложништво на граѓаните и државата. На крајот на краиштата јавноста ги виде и анкетите што Спасов им ги дал во кои јасно се гледа дека Пендаровски губи од Иванов. Ова е проѕирен обид за алиби за нивниот неуспех. Пендаровски очигледно ја научил добро школата на Бранко Црвенковски полна со интриги во која еден од професорите сигурно беше и Зоран Верушевски. Го повикуваме Пендаровски, следниот пат кога ќе оди во Јавното обвинителство да каже како ги прибавил Зоран Заев прислушкуваните разговори. Со која странска служба соработувал Зоран Заев? Да објасни што странските тајни служби очекуваат од Зоран Заев за возврат? Ова се прашањата кои јавноста ги очекува од СДСМ за сценариото кое го готват Заев, Верушевски, нивните соработници и странската служба. Ете тоа е вистината која граѓаните треба да ја знаат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.