Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието ќе поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, најави координаторот на опозицијата, Никола Мицевски.
Пратениците од оваа партија сметаат дека Спасовски несовесно, нестручно и селективно ја извршува работата, работи по партиски насоки и спротивно на Уставот и законите.
Граѓаните секојдневно се сведоци на скандали и афери поврзани со работата на министерството за внатрешни работи. Наместо да се грижи за јавниот ред и мир и да ја гарантира безбедноста на граѓаните, главна задача на министерството за внатрешни работи стана прикривањето на убиства и криминал. Министерството за внатрешни работи наместо да се бори со криминалот и корупцијата, стана институција која служи за собирање изнуда, поткуп и заштита на криминалот. Откако министерот Спсовски започна да раководи со министерството за внатрешни работи граѓаните секојдневно се жртви на грабежи, обиди за убиства, убиства, рекетирања и насилства кои минуваат неказнето – вели Мицевски.
Во најавата на интерпелацијата тој се повика и на неколку истражувања. Според едно на Евробармометар објавено на 12 септември, доверба во полицијата имаат само 34 отсто од граѓаните, додека 61 отсто немаат. Непрофесионално работење на МВР, според Мицевски, било причина и за состојбата со корупцијата, а според извештајот за перцепција за корупција на „Транспаренси“ Македонија бележи катастрофален пад од 17 места односно од 90 на 107 место.