Опозициските градоначалници на Истанбул и Анкара прогласија победа на локалните избори

Актуелните опозициски градоначалници на Истанбул и Анкара прогласија победа на локалните избори во неделата, што значи дека партијата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган не успеа да ја поврати челната позиција во двата најголеми града во земјата.

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кандидат на најголемата турска опозициска Републиканска народна партија (CHP), прогласи победа, велејќи дека води со повеќе од милион гласови по преброените 96 отсто од гласачките ливчиња.

Имамоглу беше сметан како потенцијален ривал на Ердоган за претседателската функција на изборите летото 2023 година, а сега за следниот период. На локалните избори во 2019 година со тесна победа тој стави крај на 25-годишното владеење на партијата на Правдата и развојот (AKP) на Ердоган и на неговите кознервативни претходници во најголемиот град и финансиска престолнина на Турција. Меѓутоа, Имамоглу досега немаше мнозинство во градскиот совет на Истанбул, што го отежнуваше спроведувањето на повеќето негови клучни планови.

Во 2022 година судот го осуди Имамоглу на повеќе до две години затвор по обвинението кое предвидуваше четиригодишна затворска казна, како и забрана за извршување на политички функции поради навреда на јавни службеници. Доколку таа пресуда станеше правосилна, тој веќе немаше да може да извршува никаква политичка функција. Турската опозиција и со неа поврзаните групи за човекови права тврдат дека процесот бил политички мотивиран.

Градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, исто така, од партијата CHP, прогласи победа во главниот град. „Изборите завршија, ние продолжуваме да им служиме на Анкара и нејзините шест милиони жители без дискриминација“, вети тој. „Оние кои беа игнорирани испратија јасна порака до оние кои ја водат оваа земја“, нагласи тој.

Турската опозиција в недела е на пат кон голема победа во целата земја, јавува агенцијата AFP. По преброените 79 отсто од гласовите, пишува агенцијата, Имамоглу има 50,5 отсто, додека неговиот главен противник од владејачката партија АКП има 40,7 отсто.

„Гласачите одлучија да го променат ликот на Турција“, изјави челникот на CHP, Озгур Озел.

Измир на запад, третиот град по големина во земјата, е упориште на CHP, а во Анталија на југот, поддржувачите на опозицијата почнаа да ја слават победата на улиците.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој е на власт повеќе од две децении, беше ангажиран во кампањата, особено во Истанбул, економскиот и културниот центар на земјата, чиј градоначалник беше во 1990-те години. Си постави за цел да го врати тој град, но според првите резултати тоа не ѝ помогнало на неговата партија.