Опозициските партии блокираат 28 закони во Собранието, вели Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека во Собранието се блокирани 28 закони и покрај политичкиот договор меѓу лидерите на двете најголеми парламентарни партии СДСМ Зоран Заев и ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, и разговорите меѓу Заев и лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши.

– По однос на блокадата, мислам дека лидерите се договорија да ја одблокираат работата на Собранието и јас немам причина да размислувам околу тоа. Ако договориле, имаат координатори тука нека седнат нека кажат што договориле и во која постапка да се одблокира она што е блокирано – рече Џафери.

Според анализата на спикерот, ВМРО-ДПМНЕ блокираат шест, АА и Алтернатива 21, а Левица еден закон.

За 5-ти мај, Џафери рече дека ќе закаже неколку седници на кои дебатата е завршена и е останато само гласањето, дел се закони во прво читање, дел во второ. Следната редовна седница на Собранието ќе биде закажана на 18 мај.
Џафери презентираше податоци од анализа за присуство на пратениците на седници од јануари наваму во контекст на забелешките што Собранието ги добива за немање кворум и немање можност за работа на парламентот. Првиот човек на законодавниот дом кажа дека на ниту една од тие седници немало под 61 пратеник, а во салата немало доволен број пратеници бидејќи опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштале салата и условувале. На најголем дел од седниците за присуство биле потпишани по стотина и повеќе пратеници.

Џафери не го оспорува нивното право да делуваат како опозиција и врз основа на тоа тој не ја спори нивната политичка одлука во рамки на демократското однесување. Тој сепак посочува на членот 29 од Деловникот за работа на Собранието каде е наведено дека пратеникот има „право и должност“ да присуствува на седниците. Џафери ја потенцира должноста на пратениците да бидат на седница, но и самиот посочува дека нема инструмент како да ги присили да бидат на седница. Според него, опозициските пратеници ја злоупотребуваат состојбата со пандемијата и нивни болни пратеници и ги напуштаат седниците.

За најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека е можно формирање повеќе пратенички групи во Собранието, претседателот на законодавниот дом Џафери, смета дека не постои законска можност за тоа.

– Не постои деловничка можност – рече Џафери, кој во официјалната изјава за медиумите и не сакаше понатаму да ја коментира оваа најава додека претходно на средбата со новинарите кажа дека тогаш кога СДСМ имала повеќе пратенички групи имало друга клима. Беше тоа период што е веќе зад нас, додаде тој, поминаа четири години вчера не би требало да се вратиме во тие правци.
За барањето на Димитар Апасиев за патните трошоци на пратениците што било доставено до него, Џафери вели дека тој не е надлежен за тоа туку дека пратеникот на Левица барањето требало да го упати до Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

– Тоа е еклатантна состојба кога ќе се обратите на несоодветно место. Пратеникот како и секој треба да ги има предвид Законот за плати и надоместоци на плати на избраниет и именуваните лица во којшто спаѓа и пратениците и врз основа на тој закон друга институција е надлежна а тоа е Комисијата за избори и именувања – изјави претседателот на Собранието.

Комисијата донесува одлука за спроведување на законските одредби по однос на поединечните барања на секој пратеник што ги исполнува условите врз основа на Законот.