Опозициските пера жестоко распалија по Заев и Шекеринска

Присуството на Зоран Заев, Радмила Шекеринска и останати високи фунционери на СДСМ на прославата на „Дајнерс“ во новиот МНТ ги зовре страстите во опозициските редови. НОвинари кои во јавноста важат за лица кои ја симпатизираат опозицијата, отворено “распалија“ по раководството на партијата за чинот со кој се разобличија критиките на СДСМ поврзани со проектот Скопје 2014, пишува порталот „Курир“.

По Саше Ивановски – Политико, Васко Ефтов, Јорданка Ивановска – Јоци, со своја реакција се јавија и други поддржувачи на политиките на опозицијата, како Ивор Мицковски и Никола Гелевски. Мицковски пишува дека ако пораката што сакаа да ја испратат е дека и во услови на режим може да се ужива, да се слави животот или личното богатство, тогаш ја остварија целта.

– Два потега последниве неколку недели: продорот на Боемштината и Стиропор-опозицијата која монденски се однесува во кич храмовите и симболите на корупцијата на режимот, не се едноставно само гафови.Не! Тоа е доказ дека тие луѓе се дел од една иста општествено-културолошка парадигма. И ова не го кажувам само јас, ова пред сè го коментираат луѓе кои симпатизираат со опозицијата. Ако пораката што сакаа да ја испратат е дека и во услови на режим може да се ужива, да се слави животот или личното богатство, тогаш ја остварија целта. Ако целта беше да се погазат пркосот и симболиката што опозицијата ги градеше со години, иста така, се успеа. Но, тоа нема никаква врска со декларираната борба, со желбите и потребите на луѓето кои се опозициски настроени или страдаат од мизеријата на режимот, пишува Мицковски.

opoz

Уредникот на соросовиот портал Окно, Никола Гелевски, пишува дека Радмила Шекеринска го направила најголемиот гаф во својата досегашна политичка кариера, организирајќи сопствена деловно-семејна прослава во старо-новиот објект на МНТ, еден од “најважните симболи на опасниот груевистички проект СК014“.

– Дека Радмила Шекеринска, некогаш најголемата македонска политичка надеж, подолго време е дел од скопските малограѓански шеми – не е некаква новост. Таблоидите чат-пат се бават со таа тема. Ништо страшно во ерата на сеопштата естрадизација и позерство. Исто така, дека опозицискиот блок, чијшто важен предводник токму е Шекеринска, се наоѓа во хронична политичка криза – и тоа главно е познато. Но, дека Радмила Шекеринска ќе стане веројатно најважниот досегашен позитивен верификатор на СК014, најстрашниот политичко-културен проект во историјата на Македонија – тоа ретко кој можеше да го сонува (дозволувам, освен упатените во приликите; а не сум тој; јас сум меѓу стаписаните), пишува Гелевски.

Тој пишува дека токму затоа во политичка смисла е непростлив гафот на Шекеринска, за која вели дека во голема мера го изгубила својот политички кредибилитет.

– Стојам до ставот дека гестот на Шекеринска е рамен на политичко самоубиство. Низ нејзиниот најнов поразителен гест сфатив и друга важна работа: таквите кадри во СДСМ се совршено олицетворение токму на културно игнорантските политики на Бранко Црвенковски. СДСМ е склон кон вакви квазирационални критики на СК014 („подобро патишта отколку галии“), без да влезе во културната суштина на лудилото кое зрачи политичка радиоактивност од највисок степен, пишува Гелевски.

Претходно, низа критики кон раководството на СДСМ пристигнаа и од други поддржувачи на опозицијата. За Саше Ивановски-Политико, потегот на Заев и Шекеринска е “чист политички автогол“, додека Васко Ефтов смета дека присуството на опозицијата во проектот кој толку многу го критикува е “намерно пукање во нога“.