В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска го посетија ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што лично им ги поделија таблет-уредите на учениците во ова училиште.
Станува збор за проект на Општина Аеродром што се спроведува веќе трета година, а кој има цел да го подигне образовниот процес на едно повисоко ниво, со што учениците добиваат можност да го следат чекорот со современите текови на глобално ниво и да стекнат нови знаења и развој на дигиталните вештини.
Градоначалникот Митески посочи дека ова е само еден сегмент од инвестициите што се вложуваат во училиштата, како дел од процесот на создавање модерна и развиена општина, од што најголеми придобивки имаат учениците.
Министерката Јаневска нагласи дека доделувањето бесплатни таблет-уреди е важен проект со што доаѓа до израз синергијата меѓу Општина Аеродром и централната власт, што претставува еден од главните приоритети за дигитализацијата и осовременувањето на сите процеси.
Општина Аеродром продолжува да работи на создавање уште подобри услови за сите наши ученици, со што се придонесува за правилен раст и развој на идните генерации.