Општина Битола ќе им даде по 10.000 денари помош на семејствата на осудените за 27 април

Општина Битола ќе додели по 10.000 денари семејствата на осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Оваа иницијатива насловена „Помош за семејствата на неправедно осудените“ беше поднесена на денашната седница на Советот на Општина Битола од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери. За неа покрај советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа и советниците од Левица. Советниците од СДСМ и од Поинаку не присуствуваа на седницата.

Советничката на ДОМ Анастасија Трајковска изјави дека ќе се изземи од гласање зашто Советот не е место кое може да суди дали е некој неправедно или праведно осуден.

Советникот од Левица Гаврил Трајковски од говорници критикуваше дека ова е најлицемерната точка во историјата на Советот и дека не ѝ е местото на дневен ред. Но, двајцата советници на Левица гласаа „за“ и рекоа веруваат дека на овие семејства вистински им е потребна помош.