Општина Центар го отфрли враќањето на споменикот на Ќосето

Општина Центар експресно во неделата го отфрли барањето на скопската градоначалничка Данела Арсовска за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето на старата локација, пред коплексот судови во централното градско подрачје.

Постапката за враќање на споменикот на револуционерниот деец Ќосето, Арсовска ја започна во саботата со барање до Општина Центар.

Станува збор за истата локација на која споменикот беше поставен како дел од низата споменици коишто беа поставени во главниот град за време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Споменикот беше отстранет во 2018 година, а тогашниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ образложи дека тој е наводно дивоградба.

Неколку месеци по стапување на функцијата, Арсовска рече дека има намера да го врати споменикот кој нејзиниот тим го барал, но како што рече, не можел да го најде. Според последните сознанија, споменикот откако беше тргнат, бил пренсен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје.