Општина Центар во соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле било како злоупотребени. Станува збор за давање бесплатни совети од страна на стручни тимови со различни области.
Психолошкото советување опфаќа психолошката помош обезбедена од страна на стручно лице-психолог искусен за траума и злоупотреба кој нуди индивидуални и групни советувања за жртвите, фокусирајќи се на исцелување, зајакнување и развивање на отпорност.
Правно советување се однесува на примарна правната помош обезбедена од страна на стручно лице кое на граѓаните кои биле злоупотребени им нуди општи и начални упатства и информации за начинот, условите и постапката за остварување на определено право или интерес во областа за семејно и родово базирано насилство, исполнување на конкретна обврска и упатување на надлежен јавен орган или надлежен суд, совет за начинот и можностите за решавање на правното прашање, за законската регулатива, можноста за вонсудско решавање, за правилата и трошоците на постапката, за извршување на одлуките на постапката како и запознавање со правата и обврските на барателите и корисниците на бесплатна правна помош.
Додека пак советувањето од социјален работник на граѓаните жртви им нуди поддршка во пристапот до социјални услуги, вклучувајќи советување за вдомување, можности за вработување и образовни ресурси.
Услугите на советување ќе се реализираат секој вторник во времетраење од 4 часа со почеток од 10:00 часот до 14:00 часот во просториите на Младински Центар, Општина Центар.
Општина Центар напоменува дека давателите на услуги односно стручниот тим во постапувањето обезбедува заштита на жртвите, го штити нивниот идентитет и нивните податоци, ја гарантира доверливоста на податоците и информациите кои се прибираат при работа и го почитува нивното достоинството.